Започнува дводневниот мултимедијален фестивал АРТ УМ во Гевгелија

Првото издание на дводневниот мултимедијален фестивал АРТ УМ, ќе се оджува денес и утре во Гевгелија.

Овој фестивал ќе вклучува широк спектар на активности, вклучувајќи изложби, работилници, уметнички перформанси и настапи на истакнати домашни и странски изведувачи од електронската музичка сцена.

Локациите за овој настан се Дом на Култура – Гевгелија (21 јуни) и клубот Де Факто (22 јуни).

Програмата започнува на 21 јуни со мултимедијална изложба во Домот на Културата, каде што ќе бидат презентирани уметнички дела, инсталации и перформанси од истакнати локални уметници од Гевгелија: Перо Кованцалев, Ице Капсаров, Александар Јанев и Мирјана Крстева Масети. Ќе се одржат кратки работилници, вклучувајќи ја „Генеративна уметност“ од архитект Натали Василева, a во соработка со EuropeHouse Strumica ни гостува Александар Гроздановски (Herzel) со мастерклас на тема „Кратка историја и вовед во електронската музика и основи на аналогна синтеза“, кој ке биде проследен со музички перформанс.

На 22 јуни фестивалот продолжува со десетчасовен музички дел на два стејџа, кој ќе започне во 22:00 часот и ќе трае до 08:00 часот. Главни хедлајнери ќе бидат етаблирани изведувачи од електронската музичка сцена, како што се Jimpster од Freerange Records, Лондон, UK и Samuel L Session од SLS Records, Гетеборг, Шведска. На овој настан ќе настапат и веќе познати артисти од домашната електронска сцена: Tomi Bojadzi, Maci, Wish.Ko, Samoil Radinski, Soul Case, Berryqat, Joss, и Mosaik Kollektif.

Ова издание на АРТ УМ Фестивалот ветува програма која ќе ги задоволи сите љубители на уметноста и електронската музика.

- Реклама -