Мицкоски: Не можеме да се правиме наудрени дека уставното име не е дел од правниот систем

Мојата татковина е Македонија, и при давање изјави мојата употреба на името нема да биде поинкава, но како влада ќе мораме да ги почитуваме законите и Уставот. Не можеме да се правиме наудрени дека тоа не е дел од правниот систем, изјави денеска Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за нова влада.

– Не, мојот став не се промени. Како што можете да ме слушнете јас цело време зборувам Македонија и ќе продолжам да зборувам Македонија. Не можеме ние како влада да бараме од граѓаните да ги почитуваат Уставот и законите а ние да калкулираме и да имаме двојни стандарди, рече Мицкоски, кој беше на настан во Тетово.

Потсети дека и претходно кажал дека нема да ја користи придавката, но како Влада ќе мора да ги почитуваат законите и Уставот во однос на употребата на уставното име.

-И во денешната изјава повторно гледате дека тоа е така, и така и ќе биде и во иднина бидејќи тоа е мое елементарно човеково право, како ќе ја нарекувам мојата татковина. Таа е Македонија и ќе остане Македонија, но истовремено како Влада мораме да ги почитуваме законите и Уставот, променет е Деловникот за работа во парламентот минатата година како резултат на  Жан Моне процесот и како резултат на тие промени, а тоа е правно обврзувачки акт, тоа е делот што се однесува на заклетвата што ја дава претседателот на Владата, членовите на Владата, претседателот на Собранието, потпретседателите на Собранието, претседателот на Уставниот суд…, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Јас, потенцира тој, не можам да имам двојни стандарди да добивам и да поднесувам закони со придавката која што е дел од уставното име, да имаме институционална комуникација под уставното име, да трчаме да вадиме пасоши и лични документи како одредени политичари кои се сончаат во Египет, кај нашиот јужен сосед и да се правиме наудрени дека тоа не е дел од нашиот правен систем.

– Но, мојата употреба лична, како човек, при давање изјави, сум го кажал тоа, никогаш нема да биде поинаква од оваа што е денеска. Мојата татковина е Македонија, и ќе остане Македонија, рече Мицкоски.

- Реклама -