Со претставата „На дното“, по текст на Максим Горки, а во режија на Ќендрим Ријани помина четвртата вечер на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп. Актерката од Битолскиот театар Маја Андоновскa Илиевска во улогата на Актерката посочува дека процесот бил комплексен, истакнувајќи дека претставата апсолутно може да ја поврзе со времето во кое што живееме.
„Ух… Интересно е тоа што секој од нас како актер тргнува од себе си кога тргнува во еден одреден лик. Во овој случај имав голем предизвик, морам да ти признаам. Станува збор за една голема не реализирана актерка што си го бара своето место во тоа дно. Јас себе си не се доживувам како таква, но многу работи што ги играм во оваа претстава апсолутно можам да ги поврзам со времето во кое што живееме, така што морав да најдам еден баланс во она што сум јас и во она што треба да го играм и му благодарам на Ќендрим пред се за соработката и за довербата токму јас да го играм овој лик кој што не е главен, но е многу важен во оваа претстава“, вели Андоновска Илиевска.
Смета дека театарот мора постојано да се преиспитува, преслушува и да има една природна конкуренција, бидејќи тој е патот кој води до раст и развој.
„Ние сме веќе сега една нова генерација на актери коишто го освојуваме ова театарско небо, бидејќи имаме се помалку емисии за култура, се помалку критика за претставите во кои што ги работиме. Верувам дека овие фестивали се едно тло каде што можеме да си ги преслушаме силите и каде што можеме да видиме кај ни се движи театарот во нашата земја. Верувам дека она што е мое еден ден ќе дојде. Секој актер длабоко во себе посакува да ја добие таа статуетка. Дали е ова моја година? Секоја година е моја година кога го работам она што го сакам“, додава Андоновска Илиевска.
Инаку „На дното“ е една од 11те претстави во официјалниот дел. И годинава тричленото жири е меѓународно и е во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.
Автор: Дениз Абдула