Хамас ја прифаќа резолуцијата на СБ на ОН за прекин на огнот во Појасот Газа

Хамас ја прифаќа резолуцијата за прекин на огнот на Советот за безбедност на Обединетите нации и е подготвен да преговара за деталите, изјави денеска функционерот на групата Сами Абу Зухри, нагласувајќи дека на Вашингтон е да го принуди Израел да го почитува неговото спроведување.

-Хамас ја прифаќа резолуцијата за прекин на огнот, повлекувањето на израелските сили и размената на заложници за палестинските затвореници во Израел. Американската влада се соочува со вистински тест за исполнување на своите обврски во однос на притисокот врз окупаторот веднаш да ја прекине војната преку спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, рече Зухри.

Советот за безбедност вчера го одобри планот на американскиот претседател Џо Бајден за постигнување прекин на огнот во Газа.

Прочитајте и:  Сменетиот израелски министер за одбрана: Нема причина армијата да остане во Газа

За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји-членки, додека Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана.

Резолуцијата го поддржува планот претставен од претседателот Бајден, кој предвидува прекин на борбите во Појасот Газа во три фази.

Амбициозниот предлог на Бајден повикува на целосен и неодреден прекин на огнот за шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.

Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а останатите заложници би биле ослободени.

Според нацрт-резолуцијата, последната фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.

- Реклама -