Европско патувачко кино под отворено небо

Од 14 ти до 29 ти јуни во Тетово, Крушево и Гевгелија, ќе се одржат проекции на филмови под отворено небо како дел од годинешниот филмски фестивал Синедејс.

Програмата почнува на 14 јуни во Тетово на плато пред Домот на култура каде прво ќе биде прикажан краткиот македонски филм: ,,Сценариото” во режија на Александра Кардалевска, по што ќе следи проекцијата на ,,Ефтеркланд: Македониум бенд” во режија на Андреас Јонсен. По проекцијата на филмовите концерт ќе има STONED HEDGE од Тетово.

Во сабота, на 15 јуни, вечерта ќе започне со филмот Стариот даб во режија на Кен Лоуч, по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Артан Садику, активист и теоретичар. Во 23:00 ќе биде прикажан филмот Еден тон сладолед” во режија на Сандра Ѓорѓиевска.

Програмата во Крушево започнува на 21 јуни на плато пред „Македониум“ со проекција на краткиот филм: Дали си маж, во режија Ѓорче Ставревски по што ќе следи проекција на ЕФТЕРКЛАНД:  МАКЕДОНИУМ БЕНД во режија на Андреас Јонсен. Вечерта ќе заврши со концерт на бендот THE LOCAL BLUE од Скопје. Во сабота, на 22 јуни во 20:30 ќе биде прикажан филмот ,,Злосторството е мое” на Франсоа Озон по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Ана Алексовска, продуцентка и режисерка. Во 23:00 на репертоарот е краткиот филм: ТИК-ТАК во режија Јане Алтипармаков.

На 28 јуни филмското кино во Гевгелија ќе започне на плато пред Дом на културата со проекција на краткиот филм: Кутии во режија на Ангела Димеска по што ќе следи филмот ЕФТЕРКЛАНД:  МАКЕДОНИУМ БЕНД и концерт: на ДАКТИЛИ од Струмица. Во сабота, 29 јуни ќе се прикаже филмот Паднати Лисја во режија на Аки Каурисмаки, по што ќе следи еазговор со филмските критичари Златко Ѓелески и Влатко Галевски. Во 23:00 ќе се прикаже филмот Имиња во режија на Јане Спасиќ.

- Реклама -