Мицкоски: Како предводник на владата сум обврзан да ги почитуван Уставот и законите, но очекувам и градење добрососедски односи кои доликуваат на 21.век

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски денеска истакна дека како човек, кој ќе ја предводи владата е обврзан да ги почитува Уставот и законите, оти тоа е неговиот принцип и во однос на Преспанскиот договор, кој, како што рече е дел од правниот систем, но и напомена дека очекува градење добрососедски односи, кои доликуваат на 21. век. Повика наместо да се става акцент на неговото човеково загарантирано право за употреба на името Македонија, да се стави фокус на подлабока анализа за тоа што Грција исполнила од Договорот. Откако и формално ќе стане дел од институциите, како што рече ќе преземат дипломатска активност за да ги аргументираат и одбранат позициите во однос на Преспанскиот договор, но нагласи дека нема да водат провокативна офанзивна политика, да преименуваат автопати, аеородроми, да градат споменици, туку ќе градат мостови, поцврста економија и меѓусебна економска соработка, соработка на полето на туризмот, образованието, културата.

Тој по добивањето на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот повик од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да даде категорична изјава, кога официјално ќе стане премиер дека го почитува Договорот од Преспа, а во спротивно, единствено што може да постигне е „непријатно прво искуство“ на НАТО Самиот на почетокот на јули, повтори и дека нема намера да се однесува талибански, но оти и не очекува некој друг да се однесува на тој начин, но и дека е добро да се аргументираат позициите пред Самитот.

-Како човек, којшто ќе ја предводи владата, обврзан сум да ги почитувам Уставот и законите. И тука ниту некогаш сум имал дилема, ниту пак пак ќе имам се додека овие закони и овој Устав вакви какви што се на сила. Преспанскиот договор е дел од македонските закони и македонскиот Устав. И тука нема никаква дилема. Секој оној којшто е дел од институциите треба да ги почитува, но не можете вие да барате да се почитуваат законите и Уставот, а од друга страна вие да ги кршите. Но исто така очекувам да градиме добрососедски односи, на принципиелна основа, конструктивна основа, добрососедски односи коишто доликуваат на 21 век. Немам намера условно кажано талибански да се однесувам ниту пак очекувам некој талибански да се однесува. Моето човекoво загарантирано право е право коешто е над сите права. И тука немам никаква дилема. Како претседател на владата се што е поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирака и нормално како лојален граѓанин на оваа држава, што всушност сум го правел и во минатото без исклучок, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Николоски: Францускиот претседател е неспорно лидер на Европа, средбата говори и за личниот авторитет на премиерот

Тој нагласи дека тие се придржуваат кон ерга омнес во однос на името, но и упати дека е потребно да се направи подлабинска анализа за тоа што од страна на Грција е исполнето од Преспанскиот договор.

-Па ерга омнес ние го користиме. Членот седум од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни. Што значи кога едната и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски, членот 1 од истиот Договор. Јас повторно би сакал да ги замолам медиумите овде во Македонија малку повеќе да посветат внимание на анализа на тоа што нашиот јужен сосед има исполнето од Договорот, а помалку да биде провокација моето човеково загарантирано право со многу конвенции на употреба на терминот Македонија, името на мојата татковина во која што јас сум се родил и придавката македонски. Ајде да видиме што тие направија овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото. Што требаше ние да добиеме кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име, кога се случуваше интервенцијата на НАТО против режимот на Милошевиќ, кој беше лојален сојузник, а кој забрануваше прелети. Што се случуваше кога се менуваше Уставот, еднаш по Охридскиот рамковен договор, вторпат поради тој договор, третпат кога се ставаа пратеници во притвор, кога се вадеа ден спроти гласањето за уставните измени кога се менуваше уставното име. Ајде да зборуваме во поширок контекст, изјави мандатарот.

За тоа дали можеби ќе испрати протестна нота до Атина поради непочитување на Преспанскиот договор, Мицкоски одговори дека во моментов не се внатре во институциите, но откако ќе влезат ќе преземат дипломатска активност за да ги аргументираат нивните позиции.

-Ќе се браниме. Ние сме подготвени тоа да го поправиме. Нема да водиме провокативна офанзивна политика, немаме намера да преименуваме  автопати, аеородроми, да градиме споменици. Сакаме да градиме мостови, сакаме да градиме поцврста економија, меѓусебна економска соработка, соработка на полето на туризмот, образованието, културата, тука сме, соседите мора да се почитуваат и ќе ги анализираме сите чекори и внимателно ќе влечеме потези. Но истовремено немаме намера да бидеме подлизурковци, да се понижуваме самите себе, а од друга страна да ве ограбуваме вас граѓаните и да се однесуваме како деспоти. Македонија доби влада, која што треба да биде фокусирана на граѓанинот, а владините службеници треба да бидат тука, мислам на мене лично и на министрите, да бидат слуги на народот, изјави Мицкоски по добивањето на мандатот за состав на нова Влада.

- Реклама -