Во Основниот суд Струга денеска започна судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко заради набавката на патничко моторно возило марка „Ауди“ од страна на Општина Струга.
Бранителот, пред почетокот на главната расправа, достави поднесок со листа од 68 вербални и материјални докази и побара да се одложи главната расправа а судот да ги обезбеди доказите по службена должност, зашто како што рече, тој направил обид, но без успех.
-Со доставувањето на оваа листа, одбраната ќе се обиде да ја побие тезата на јавното обвинителство дека обвинетиот сторил кривично дело воопшто, е ставот на адвокатот на градоначалникот Мерко.
Според судијата во овој предмет, Надица Митреска, судот ќе се потруди во најкус можен рок да се обезбедат доказите потребни на одбраната.
-Рочиштето денеска се одложи бидејќи одбраната достави обемна листа на докази која судот треба да ја разгледа и да прибави одредени документи од надлежните институции на државата, и нормално, потребно е време и за обвинителство то и за судот. Судот ќе се потруди, во најкус можен рок, да се обезбедат документите кои се потребни на одбраната. Согласно принципот на судење во разумен рок и ефикасност на постапката очекуваме овој судски процес да заврши што е можно побрзо, но секако, со почитување на правата на одбраната, изјави судијата Митреска.
Главната судска расправа по овој предмет се одложи за 8 јули со почеток во 13 часот.а