На 16-ти јуни во сабота во 20:00 часот во Театар Комедија ќе се одржи Вечер на раскажување квир приказни СРАМОТА!, настан кој организиран во партнерство со ПичПрич, Tiiiit! Inc. и Медуза и е дел од Skopje Pride Week.
Модераторки се Пич Прич, Румена Бужаровска и Ана Василева.
„Неколкумина раскажувач(к)и од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам што ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и се трансформира, исмеаниот станува исмевач – срамот се враќа назад кон оние што занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат. Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото задушување навнатре во себе, експлодираме од смеа“ стои во најавата за настанот.