Како дел од Поврзување низ слоеви и афекти, утре во 17 часот во Музеј на современата уметност во Скопје, ќе има промоција на публикацијата „Години будни“, рефлексии за првите 10 години на Прво па женско, Фестивалот за феминистичка култура и акција.“ Промоторка на изданието е Калиа Димитрова, а уредничка е Марија Христова.
„Години будни е книга посветена на првите десет години од Прво па женско – фестивалот што го сакаме. Taa не е дефинитивен, финален документ, туку критичко, асоцијативно, пријателско и, на моменти, носталгично осврнување на првите десет години на ППЖ, во кое збор земаат неговиот тим, соработничките и соработниците, пријателите и поддржувачите, од локалната сцена и од регионот“, велат организаторите.
Марија Христова е уредничка и културна работничка, со-основачка на PrivatePrint, независно издавачко и кураторско студио од Скопје. Дипломира на катедрата за Италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во Скопје, во 2009 година, а во 2013 магистрира на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература во Скопје. Нејзиното работно искуство во рамките на PrivatePrint или во надворешни соработки, подразбира уредничка и авторска работа во разновидни издавачки, уметнички и интердисциплинарни проекти и секојдневно вклучува аспекти од културен менаџмент и организација до замисла и авторство.
Калиа Димитрова е писателка, активистка и феминистка од Скопје. Има диплома за политички науки на Правниот факултет Јустинијан Први на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “во Скопје. Магистерските студии во областа на културните студии ја донесоа во Холандија, Полска и САД, каде студираше и живееше до 2017 година, пред да се врати во Скопје. Во 2018 година ја издава својата прва книга „Вештерките денес“ и станува дел од тимот на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО. Работи во Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, фокусиран на родот и ЛГБТИ правата. Основачка е и главна уредничка на првата феминистичка платформа на македонски јазик – Медуза. Кога одвојува време, пишува есеи и поезија.
Фестивалот е поддржан од Tiiiit! Inc., The Kvinna till Kvinna Foundation, Embassy of Sweden in Skopje, Equality Fund Sigrid Rausing Trust и Министерство за култура / Ministria e Kulturës