Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев денеска имале средба со амбасадорот и шеф на Мисијата на ОБСЕ, Килиан Вал.
На средбата се разговарало за спроведувањето и резултатите на последните претседателски и парламентарни избори во Македонија, како и за понатамошните чекори за идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува во партиското соопштение, Мицкоски се заблагодарил на преставниците на Мисијата на ОБСЕ за активното вклучување и следење на изборните процеси, како на 24 април, така и на 8 мај.
– Од страна на претседателот Мицкоски беше потенцирано дека следи период на реформи во државата, економско зајакнување, како и борба против корупцијата и криминалот за да може државата да се развива и просперира. Исто така тој додаде дека државата ќе продолжи по европскиот пат за што идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се залага, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата, како што се наведува, беше констатирана успешната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Мисијата на ОБСЕ и таа ќе продолжи.