Нетанјаху го оквалификува како „трагична грешка“ нападот на камп во Рафа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го коментираше ноќешниот напад на шаторскиот камп во градот Рафа, при што загинаа најмалку 45 луѓе. Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека цел на нападот биле двајца високи претставници на Хамас и дека ќе го разгледаат извештајот за ширење на пожарот кој ги загрозил цивилите.

Нетанјаху изјави дека Израел се обидел да ги заштити цивилите, евакуирајќи милион луѓе од Рафа, каде што пред офанзивата имало околу 1,5 милиони жители.

„И покрај нашите напори да не ги повредиме, се случи трагична грешка. Го истражуваме инцидентот. За нас ова е трагедија, за Хамас е стратегија“, рече Нетанјаху во парламентот.

Израелската војска претходно најави истрага за нападот на Рафа.

Нападот се случи неколку часа откако Хамас истрела осум ракети од Рафа кон Тел Авив, што беа првите напади со долг дострел врз градот од јануари. Во соопштението објавено доцна синоќа по експлозијата во Газа, ИДФ изјави дека „елиминирале“ двајца високи претставници на Хамас – Јасин Рабиу и Калед Нагар – во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот град Рафа“.

Прочитајте и:  САД му испорачуваат на Израел дополнителни 12 ловци Ф-15

Нападот предизвика гнев кај светските лидери кои повикаа на спроведување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за запирање на израелските напади. Францускиот претседател Емануел Макрон изрази огорченост поради најновите израелски напади. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел изјавија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата мора да се почитува.

- Реклама -