Превирањата на Клиниката за токсикологија во Скопје продолжуваат. Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази им забранила комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола. Во известувањето на огласна табла на Клиниката се наведува дека средби со медиуми се дозволени само со претходно известување до в.д. организацискиот директор.
– Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање, се вели во известувањето потпишано од Иљази.
Од Министерството за здравство велат дека секоја здравствена установа која врши дејност од јавен интерес е должна да функционира организирано во согласност со правилата кои се уредени со актите кои се уредуваат прописите од областа на здравствената заштита.
– Согласно статутот на секоја јавно здравствена установа, вклучително и на оваа, јавноста се обезбедува преку присуство на претставници на средствата за јавно информирање на седниците на управните одбори по претходно добиено одобрение; со издавање на соопштенија за работа или информативен билтен на клиниката; овоможување на контакти на претставници на медиумите со директорот на клиниката или по негово овластување со стручни лица од соодветна област и информирање на друг начин, се наведува во одговорот од Министерството за здравство.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат следните денови најавуваат нов инспекциски надзор на Клиниката.
Од страна на ДСЗИ минатиот месец беше извршен инспекциски надзор по што беше издадено решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа им се забрани пристап на Клиниката.
Клиниката функционира само со организацискиот директор откако на 14 мај, министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката, Данил Петровски поради „неправилности во работата“, но дека тој ќе продолжи да работи на Клиниката.
Превирањата на Клиниката започнаа минатиот месец откога вработени на Клиниката реагираа дека организациската директорка Иљази инсистира да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело. Вработените се пожалија и дека не можат да комуницираат со Иљази бидејќи таа не го говори македонскиот јазик.
Министерот за здравство во изјава за медиумите дадена минатиот понеделник рече дека организациската директорка ќе остане на својата позиција сѐ додека не го прекрши законот.