Охридско лето претставен на Самитот на уметнички фестивали во Германија

Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ ги презентираше успесите на фестивалот на Самитот на уметнички фестивали што се одржа изминативе четири дена во Уседом, Германија. Во рамките на Самитот се одржа и 71. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА). Поповиќ рече дека Охридско лето е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори и еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра.

– Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека Охридско лето е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација. Високото место кое го зазема меѓу 140 фестивали членки на ЕФА ја потврдува неговата посебност и специфичност – рече Поповиќ.

Таа потенцира дека фестивалот повеќе од половина век претставува најголемата културна музичко-сценска манифестација, препознатлива не само кај нас, туку и во светски рамки, цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

– Секое лето Охридско лето пречекува повеќе од 1.000 врвни уметници од цел свет кои се одушевени од организацијата благодарение на посветеноста и професионализмот на тимот на Фестивалот – рече Поповиќ.

На четиридневниот собир првите луѓе на ЕФА и повеќе од 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали дебатираа за одржливоста на различните култури преставувајќи ги фестивалските градови и региони со сите нивни карактеристики. На собирот беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството а посебен акцент беше ставен на влијанието на вештачката интелегенција врз уметноста.

ЕФА вклучува над 140 фестивали од 40 земји. Охридско лето од 1994 година е значаен партнер на асоцијацијата.

- Реклама -