„Коха“: Косово не е на агендата за состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа

Комитетот на министри во Советот на Европа нема да расправа за Косово на состанокот што се очекува да го одржат оваа недела, објави порталот „Коха“, повикувајќи се на извори во СЕ.

Во одговорот за приштинските медиуми од канцеларијата за медиуми на Советот на Европа, се вели дека во оваа фаза не можат да споделат повеќе информации.

„Косово не е на дневен ред на состанокот на Комитетот на министри следната недела. Немаме повеќе информации во оваа фаза“, се вели во краткиот одговор од СЕ.

Според агендата, министрите за надворешни работи на 46-те земји членки на Советот на Европа ќе одржат годишна сесија на 17 мај годинава во рамките на 75-годишнината на организацијата.

На дневен ред ќе бидат мерките што Советот на Европа продолжува да ги презема како одговор на целосната агресија на Руската Федерација врз Украина, спроведувањето на Декларацијата од Рејкјавик (усвоена на Самитот на шефови на држави и влади во 2023 година) и усвојување на Рамковна конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото.

Парламентарното собрание на СЕ на 16 април годинава во Стразбур го усвои извештајот на известувачката за Косово, Дора Бакојани, во кој се препорачува членство на Косово во таа меѓународна организација без никакви услови.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

По дискусијата која траеше повеќе од два часа и во која учествуваа 59 пратеници, за прием на Косово гласаа 131 пратеник, 29 беа против, а 11 беа воздржани. Беше потребно двотретинско мнозинство од присутните претставници на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 46 земји-членки.

По гласањето во ПС на СЕ, останува уште Советот на министри на земјите членки да гласаат за Косово да биде примено во членство на организацијата.

Неколку земји сојузнички на Косово, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Германија и Франција, побараа од Владата на Албин Курти да преземе конкретни дејствија во правец на основањето на Зеаедницата на општини со срспско мнозинство, по што приемот во СЕ би бил гарантиран. Курти одбива да го стори тоа, тврдејќи дека Приштина ги исполнила сите барања поставени претходно од СЕ, а Заедницата досега не била услов за зачленување во организацијата.

- Реклама -