Битиќи соопшти дека дава оставка од функцијата потпретседател на СДСМ

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи со видео обраќање преку својот Фејсбук профил соопшти дека дава оставка од функцијата потпретседател на СДСМ по поразот на партијата на денешните претседателски и парламентарни избори.

-Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, вели тој во објавата на Фејсбук. 

https://www.facebook.com/watch/?v=3716748935312433

Битиќи упатува апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

-Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.
Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме. И за крај: нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста. За силен и единствен СДСМ, посочува Битиќи во видео обраќањето. 

Прочитајте и:  СДСМ: Поразително е тоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ не прави ништо додека граѓаните дишат загаден воздух
- Реклама -