Тренерот на Барселона, Чави Ернандез на специјална прес-конференција објасни зошто решил да се повлече од својата одлука објавена во јануари да го напушти клубот на крајот на сезоната и наместо тоа да продолжи да раководи со тимот.
Младиот стручњак увери дека ја чувствува поддршката од сите во клубот. Сфатил и дека проектот на Каталонците не е завршен и дека мора да продолжи.
-Ќе бидам краток и ќе ги кажам причините поради кои ја променив мојата одлука. Сите ги знаат моите чувства кон овој клуб и дека сум голем навивач на Барселона. Секогаш се трудам да дадам се од себе за Барса, клуб кој добро го познавам. Најважно е да се размислува за институцијата. Отсекогаш сум велел дека мојата работа зависи од резултатите, а добив голема доверба од целото раководство. Исто така беше важно да добијам поддршка од мојот персонал и моите играчи. Навивачите ми покажаа дека треба да останам. Сите веруваме дека овој проект треба да продолжи. Како што му кажав на претседателот, веруваме во стабилноста на клубот. Видов дека овој проект не е завршен. Треба да продолжиме бидејќи работиме добро, проектот е победнички, изјави тренерот.
Според него, заедницата околу Барса мора да разбере дека мора да продолжиме да работиме напорно и да го консолидираме проектот.
-Ова е причината за мојата промена на мислењето. Вистина е дека пред неколку месеци мислев дека најдобар избор е заминувањето, но вчера за само неколку минути совршено разбравме дека најдобрата одлука за клубот е да продолжиме заедно. Многу сум благодарен што продолжувам и сега сме возбудени што ќе донесеме стабилност на овој проект и на клубот. Затоа им благодарам на сите за довербата, рече уште Чави во воведниот говор.