Поголема излезност во вториот круг за стабилна влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да биде уценувана од никого, апелираат Николоски и Милошоски

Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а бидејќи во Македонија е непишано правило да има партнер од албанскиот политички кампус, односно на сега така наречена албанска опозиција или ВЛЕН, да се обедини заедно со нас и да формираме влада која радикално ќе расчисти со сето она што во моментот е владеење во Македонија, од СДСМ и особено од ДУИ, бидејќи во моментот ДУИ владее со Македонија и тие се вистинските газди на Македонија и на тоа ќе ставиме точка, рече носителот на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање по синоќешната честитка на Таравари до Мицкоски и коалицирањето по изборите за формирање влада.

На прашање за прогноза за исходот од парламентарните избори во изборната единица четири, Николоски рече дека е неблагодарарно да се прави таква пресметка, имајќи предвид дека се работи за различен тип избори.

– Јас можам да ви кажам, за прв пат, што очекувам како резултат во четвртата изборна единица. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои меѓу 12 и 13 пратеници и тоа е резултатот на кој ние целиме, одговори Николоски.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

Тој се заблагодари за поддршката што вчера ја доби кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова, посебно во струмичко и, како што рече, е среќен што како носител на листата во четвртата изборна единица е постигната резултат кој за ВМРО-ДПМНЕ е голема обврска.

– Очекувам на 8 мај да имаме убедлива победа за Гордана Силјановска Давкова и најмногу пратеници за ВМРО-ДПМНЕ, коишто ќе овозможат стабилна влада која нема да биде уценувана од никого и коишто ќе овозможат во опозиција да одат и СДСМ и ДУИ, додаде Николоски.

Изјава даде и кандидатот за пратеник, Антонијо Милошоски, кој побара одзивот на избирачите да биде поголем во вториот круг на претседателските избори на 8 мај. Тој додаде дека бројот на македонски државјани кои се незадоволни од политиката на ДУИ и СДСМ е се поголем и граѓаните имаат силна политичка волја за промена на власта.

- Реклама -