За претседателскиот кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ Бујар Османи, слоганот на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори „Македонија повторно твоја“ е шовинистички.
-Слоганите коишто за жал македонската опозиција ги има во оваа кампања се косат директно со членот 137 од Кривичниот законик. Слоганот „Македонија повторно твоја“ е најшовинистичкиот слоган што можеше да се измисли, бидејќи со тоа сакаат да кажат дека фактот што има премиер Албанец или министер за надворешни Албанец, Македонија била на Албанците и сега треба да ја земеме од нив и да ја вратиме на другите, оцени Османи.
Праша, до каде ќе се оди со овој вокабулар ако секој почне да ја влече кон себе државата.
-За кого сум работел како министер за надворешни работи во овие четири години? За кого работи Талат Џафери како премиер на оваа држава или Фатмир Бесими како министер за финансии. Зар не работевме за сите, за овие граѓани, за оваа држава за да стане европска, вели тој.
Слоганот „Македонија повторно горда“, додава Османи, значи дека не била горда затоа што има премиер Албанец, затоа што имала министер за надворешни работи Албанец, па зарем тоа не е најшовинистичкото можно барање од еден кандидат којшто сака да биде претседател на оваа држава.
-Круна на шовинизмот – барањето за 61 пратеник „за да не зависиме веќе од нив“ за да ги исклучиме Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, Власите и останатите и да ја вратиме етничката супремација од едно време, ете тоа се тие барања коишто даваат работа за јавниот обвинител во однос на членот 137 и тоа што ги извади луѓето на улица вчера за да го кажат својот глас, истакна Османи на прес-конференција во Скопје.
Прашан колку гласови очекува и дали би биле концентрирани во средините каде што има претежно албанско население, Османи потсети дека е кандидат на 9 партии на четири етнички заедници, но ја бара поддршката на сите граѓани на Северна Македонија за, како што рече, неговата визија за државава.
-А визијата е една и единствена – Северна македонија – членка на НАТО и ЕУ, земја на еднакви можности за сите, земја партнер на САД. Многу јасна и проста формула за визијата за иднината на оваа држава. И секој ден добивам пораки од граѓани од сите етнички заедници, кажа Османи.