АВМУ: Од вечерва на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)  потсетува дека денеска завршува изборната кампања за првиот круг од Претседателските избори 2024 година, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19 часот на 24 април

За време на молкот, на 23 и на 24 април (до 19 часот), укажува АВМУ, запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи и за Претседателските и за Парламентарните избори.

-Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта, се вели во денешното соопштение од АВМУ.

Во овој период е дозволено емитување бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања за Парламентарните избори.

Воедно, во деновите на изборниот молк е дозволено емитување на едукативната рекламна кампања на Државната изборна комисија (ДИК) за Изборите 2024.

Агенцијата, нагласуваат оттаму, очекува сите радиодифузери, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја прилагодат својата програма за изборниот молк. 

- Реклама -