Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе достави претставка за говорот на омраза, навредите и дискриминацијата од страна на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова и од политичката партија ВМРО-ДМПНЕ, што ја поддржува нејзината кандидатура.
– Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати, на јавните собири и митинзи, искажаа лични навреди и клевети за кандидатот за претседател Пендаровски, коишто, освен што го нарушуваат неговото достоинство и неговите чест и углед, исто така содржат и елементи на говор на омраза, со што наведените може да поттикнат други лица да сторат дела од омраза, се наведува во денешното соопштение од Тимот за комуникации „Нашиот претседател – Стево!“.
Пендаровски материјалот ќе го достави до ДИК, чијшто Кодекс за фер и демократски избори го потпиша кандидатката и партијата која ја поддржува, понатаму до набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, до делегација на ЕУ, како и до амбасадите на земјите членки на НАТО и Европската Унија, во нашата земја.
– Со оглед на тоа што Државната изборна комисија одлучува по приговори, а не по претставки, во врска со почитувањето на одредбите од Изборниот законик и до неа ќе се достави материјалот заради нивно информирање. Тие, како носители на изборниот процес, имаат морална обврска да се запознаат со флагрантното кршење на Кодексот од кандидатката и партијата ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението.