Решителна и поефикасна борба против корупцијата, реформи во судството, повисоки плати и пензии, поддршка за младите, стопанството,.. најави денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори.
Во обраќање на настанот „Нема откажување од европската иднина“ во присуство на носителите на листи во шесте изборни единици упати пораки дека нема откажување од патот за членство на државата во ЕУ кое рече дека ќе се случи до 2030 година но со проевропска влада што ќе ја формира СДСМ.
Ковачевски оцени дека програмата на СДСМ и Коалицијата е реална и остварлива и оти нема откажување од неа додека секој ред од неа не стане реалност.
– Нема веќе да има предмети по фиоки. Конечно ќе го спроведеме и ветингот на судиите и јавните обвинители кому тоа му се допаѓало или не ќе започне од кандидатите на листата во Изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите и ќе се пресели и кај судиите, и кај обвинителите и кај сите оние кои во изминатите 32 години згрнаа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот. Се обврзуваме и ветуваме целосна реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и на останатите реформи во судството за да има правда за сите, рече Ковачевски.
СДСМ и Коалицијата за европска иднина ветуваат просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра кои со влезот во ЕУ проектираат дека ќе достигнат до 1.300 просечна, односно до 800 евра минимална плата. По 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, едноцифрена бројка на невработеност од седум проценти до крајот на мандатот….
-Ќе обезбедиме просечна пензија од 30 илјади денари и минимална пензија од 20 илјади денари кои исто така со влезот во ЕУ ќе бидат зголемени. Ќе има и многу други пакети мерки за поддршка на пензионерите бидејќи тие тоа го заслужуваат. Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра, рече Ковачевски.
Ветува инвестиции од 2,7 милијарди евра за изградба на 194 километри автопатишта и реконструкција на 950 километри регионални и локални патишта во сите делови и општини во државата, финансиска поддршка за земјоделците во висина од 1,35 милијарди евра, зголемување на грантовите за малите винарии на 15 илјади евра, за младите земјоделците од 10 илјади и 20 илјади евра, од по 10 илјади евра за жените земјоделки… Исто така и зголемување на домашното производство на енергија за 70 проценти за да може целосно да ги покриеме домашните потреби, стопроцентно зголемен инсталиран капацитет на обновливи извори на енергија.
-Ветуваме драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал и големи инвестиции во медицинска инфраструктура и опрема. Специјалистите ќе имаат до 180 илјади денари плати, општите доктори до 120 илјади денари, а медицинските сестри до 90 илјади евра. Воедно ќе обезбедиме целосно укинување на партиципацијата од 20 проценти за услугите во јавното здравство. Тоа ќе биде бесплатно за сите осигуреници. Ќе има бесплатен оброк, бесплатен превоз и образовни екскурзии за нашите ученици, бидејќи мора да го поддржиме развојот на новите генерации. Ќе воведеме програма за субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, но и грантови за отпочнување на сопствен бизнис за млади лица сега зголемен на осум илјади евра, рече Ковачевски.
Истакна и дека раководни места во министерствата и институциите ќе има само за оние што навистина го заслужуваат тоа со својата посветеност и професионалност.
Во изминатите две години од мандат, дел од она што го планирал го реализирал, но многу работи останале нереализирани.
-Убеден сум дека за 20 дена од денеска заедно ќе ставиме печат на голема победа и успех за европска Македонија. СДСМ и Коалицијата за европска иднина ќе добијат голема поддршка од граѓаните и ќе ја формираме новата Влада која најдоцна до 2030 година ќе ја однесе државата во ЕУ, но и ќе ја донесе Европа тука во Македонија, рече Ковачевски.
Свесни сме, посочи тој, и дека направивме голем број грешки и преземам одговорност за тоа.
Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупцијата, самоволието, неработењето и злоупотребите на дел од политичарите. Да, граѓаните се во право и ги прифаќам нивните критики за направените грешки. Само оној што е самокритичен и свесен за своите грешки има моќ да ги исправи. Затоа креиравме издржан и остварлив план што е преточен во нашата програма за наредните четири години, наведе Ковачевски.
Јас и мојот тим, нагласи, сме подготвени да работиме ден и ноќ за да изградиме држава со која сите ќе се гордееме на 28. столче во Брисел на Европскиот совет во Европската унија.
Повика на 8 мај граѓаните да го заокружат бројот 1 и да глаасат за СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ бидејќи, како што рече, „нудат надеж и просперитетна иднина, наспроти безнадежност и враќање 10 години назад со ВМРО-ДПМНЕ“.
Истакна дека носителите и ко-носители на кандидатските листи за престојните парламентарни листи се луѓе кои се квалитетни, кои имаат знаење и вештини и што е можеби најважно одлучност и посветеност да работат за доброто на државата и на граѓаните.
На почетокот на настанот со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, упати порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан, како и да се обединиме и да сработиме за полноправно членство во ЕУ во следните неколку години.
Носителите и коносители на кандидатските листи за престојните парламентарни листи се потпишаа на мурал кој ја симболизира пораката на Коалицијата за европска иднина: „Нема откажување од европската иднина на Македонија“.