Првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, по објавата од шефот на дипломатијата Бујар Османи за коспонзорството на Северна Македонија на резолуцијата на ОН за геноцид во Сребреница вели дека ставот на државава за Сребреница е јасно утврден со Декларација во Собранието во 2010 година.
Според Маричиќ, одговорноста треба да биде индивидуална, а не колективна.
-Ставот на Македонија е многу јасен и утврден со Декларација на Собранието уште на почетокот на 2010 година, тогаш едногласно нашето собрание ја поддржало резолуцијата на ЕП за Сребреница каде таа е осудена како геноцид. Меѓутоа треба да разграничиме две работи, едно е тоа во Сребреница, но таа дамка не може да се фрли врз целиот српски народ или Србија. Одговорноста кон Сребреница треба да се индивидуализира и затоа постојат меѓународни судови и трибунали, таа треба да биде со име и презиме за да во никој случај не биде доведена со цел народ или цела држава, изјави Маричиќ за ТВ Канал 5.
Во однос на најавата од Османи дека на седница на Владата ќе предложи излегување на државава од иницијативата Отворен Балкан, Маричиќ порачува дека сите иницијативи од кои македонските граѓани имаат бенефит, мора да продолжат. Членството во Отворен Балкан, смета дека не треба да се политизира.
-Ние инсистиравме да остане таа иницијатива отворена и таа остана отворена. И се додека имаше и има поддршка од нашите стратешки партнери, треба во неа да партиципираме и да се фокусираме на конкретните придобивки без големи политички теми. Затоа што тие крупни политички теми блокираа други регионални процси и не донесоа ништо добро. Берлинскиот процес, Отворен Балкан и сите тие иницијативи ги гледаме како позитивни и треба од нив да извлечеме максимум, наместо да ги доведуваме во политички контекст, вели Маричиќ.
Министерот Османи, кој е и претседателски кандидат на ДУИ, претходно денеска изјави дека е изненаден од реакциите по објавата дека сме меѓу 17 држави кои ја коспонзорираат резолуцијата
-Не смееме да реагираме на оваа тема зашто ова прашање влегува во делот на негирање на геноцидот и тоа е строго забрането… Веќе има одлука на Меѓународниот суд на правдата што неделата во Сребреница ги имаат прогласено за геноцид и тие судски одлуки веќе ниту може да се коментираат, ниту да се интерпретираат. Република Северна Македонија во 2010 година во Парламентот има донесено декларација со која се поддржува Европската резолуција за прогласување геноцид во Сребреница, изјави Османи во седиштето на Бошњачкиот демократски сојуз по учеството на панел-дискусија.
Тој претходно ги окарактеризира обвинувањата на албанската опозиција во однос на иницијативата Отворен Балкан како обид за стекнување ситни политички поени и најави дека на првата наредна седница на Влада на која иницијативата ќе биде тема, ќе предложи излегување од Отворен Балкан.
Во однос на Отворен Балкан, тој појасни дека тоа било повеќе идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, како обид за помирување, односно, како што рече, „една егзит стратегија за Србија да може да воспостави односи со Косово, па и меѓусебно признавање“. Според него, по настаните во Бањска, во северниот дел на Косово, во септември лани, немало состанок или наше присуство на Отворен Балкан.
Консултациите за нацрт – резолуцијата за Сребреница почнуваат вечер по локално време на затворен состанок во седиштето на Светската организација, а ќе се гласа во Генералното собрание на ОН, на 2 мај.