Секретарот на Канцеларијата за врски на Косово во Белград, Фатмир Хаџоли објави дека Србија од полноќ држи повеќе од 300 граѓани на Косово блокирани на границата со Хрватска, јавија утрово медиумите во Приштина.
Хаџоли на својата страница на Фејсбук пишува дека „во знак на одмазда и апсурдна нервоза“ поради синоќешното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово во таа институција, Србија не ги пушта автобусите со косовски регистарски таблички.
– Во знак на одмазда и апсурдна нервоза поради изгласувањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Република Косово во оваа меѓународна институција, граничните власти на Србија, на преминот „Батровци“ меѓу Србија и Хрватска, држат блокирани од полноќ најмалку четири автобуси со регистерски таблички и патници, државјани на Република Косово, напиша Хаџоли.
Објаснувањето од српските власти, како што вели тој, е дека тоа го наредил Белград.
– Блокирањето на над 300 граѓани со задржување на нивните пасоши и патни документи, е флагрантно кршење не само на бриселските договори, туку и на универзалните човекови права загарантирани со сите меѓународни конвенции. Само најавторитарните режими ги блокираат патниците од друга земја, со образложение „ова е наредба од Белград“, напиша Хаџоли.
Тој вели дека планира лично да оди на граничниот премин меѓу Хрватска и Србија каде што се блокирани косовските патници.
– Бидејќи српската Канцеларија за врски не комуницира со нашата Канцеларија, како што се случи и утринава, побарав и чекам блиска придружба за да отпатувам до преминот Батровци, за да им се најдам во близина на нашите сограѓани и во знак на протест кон ваквиот развој, напиша Хаџоли.