Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе им помогне на 50 земји да идентификуваат и да одговорат на појавата на заразни болести со цел да се спречи нова пандемија како Ковид-19, која остро го наруши нормалниот ритам на животот ширум светот во 2020 година.
Американската влада ќе работи со земјите за да ги подобри нивните методи на тестирање, скрининг, комуникација и подготовка за такви избувнувања, рече висок претставник на администрацијата на Бајден кој сакаше да остане анонимен. Официјалниот претставник не кажа за кои земји станува збор.
Соопштението доаѓа во момент кога земјите се обидуваат да се договорат за меѓународен одговор на идните пандемии. Четири години по пандемијата Ковид-19, изгледите за договор во оваа насока што ќе го потпишат 194-те членки на Светската здравствена организација изгледаат сè понејасни.
Програмата на САД ќе се потпира на неколку владини агенции, вклучувајќи го Стејт департментот, Центрите за контрола и превенција на болести, Американската агенција за меѓународен развој и други, за да им помогнат на земјите да го подобрат својот одговор на појавата на заразни болести.