Доколку господинот Христијан Мицкоски, тврди дека имало тајни средби, не би било лошо да приложи еден доказ во таа насока, дека такво нешто се случувало, не само да прераскажува чаршиски муабети, изјави претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во врска со обвинувањата од лидерот на опозицијата за тајни преговори за амнестија на политичари.
На вечерашниот митинг во Гази Баба Пендаровски, одговарајќи на прашање од граѓанин, рече дека немал тајни средби.
– Тајни средби кај мене немало, меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали го интересира кој сѐ барал прием кај мене. Да му кажам датуми, имиња и презимиња. Затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам и што барале од мене, во таа насока, рече претседателот.
Дополни дека некои од нив се меѓу највисоките носители на пратеничките листи.
– Најблиските негови соработници пред две и пол години бараа прием од мене, беа примени, јас ќе му кажам што точно разговаравме, дополни Пендаровски.