Ковачевски до Мицкоски: Многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ

Присуствуваме на митинзите на претседателот Пендаровски согласно со изборните единици во коишто секој кандидат за пратеник е определен. Кога тој беше на митингот во Аеродром и во Кисела Вода, јас дури имав и свои обраќања. Утре ќе биде во Карпош и во Центар, а дали јас ќе имам обраќање зависи од верификацијата на листите за кандидати за пратеници и усогласеноста со Законот за избори, порача денеска лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Во одговор на новинарско прашање по средбата со претставниците на невладината „Македонија 2025“ рече дека следи се што се случува на изборната кампања на Пендаровски и додаде дека Пендаровски ја дели истата визија со СДСМ и дека нема никаква разлика во стратешките правци на државата.

-Тоа е членство на Македонија во ЕУ, продолжување на реформите во сите области што ги загрижуваат и што се од интерес за граѓаните во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата, економијата – држава која што треба да има поголем стандард. Сметам дека претседателот Пендаровски досега води одлична позитивна кампања од која што сум и јас дел, бидејќи во делот на моите дневни активности и јас сум вклучен заедно со другите кандидати за пратеници и другите партиски активисти во промоцијата и на кандидатот и на неговата програма, рече Ковачевски.

Нагласи дека претседателот Пендаровски апсолутно може самостојно да ја образложи својата програма.

-Тој тоа може да го направи на најдобар начин бидејќи пет години успешно ја извршуваше функцијата претседател на државата. Има многу јасен план и многу јасна програма за тоа каде треба Македонија да се движи во наредните пет години. За разлика од неговиот противкандидат којшто нема програма, ние не можеме уште да ја прочитаме или да ја најдеме, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Агелер: Честитки до Шекеринска и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

На прашањето дали треба да има дуел меѓу претседателските кандидати, посочи дека смета оти тие треба да имаат свои телевизиски дуели доколку тоа им го дозволува времето и доколку сакаат да имаат како што тој имаше со Мицкоски.

-Мислам дека претседателот Пендаровски е супериорен во однос на другите претседателски кандидати и затоа и веројатно нема дуели колку што можам да видам. Втората работа видов една изјава на претседателот  на ВМРО-ДПМНЕ дека Пендаровски можел да има со него изјава, ама кога ќе станел претседател на СДСМ. Гледајте, многу побрзо се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ затоа што за да станете претседател на СДСМ треба да одите на гласање непосредно од страна на сите членови. И јас сум избран со над 42.000 гласови додека во ВМРО-ДПМНЕ можете да станете претседател во сала во „Фолкфест Валандово“ со 400 делегати, ќе ви ги пишат на список, така што таму веројатно многу полесно се станува претседател на партија, рече Ковачевски.

Прогнозира победа на Пендаровски во вториот круг на претседателските избори и победа на коалицијата за европска иднина на парламентарните избори на 8 мај.

Изборна кампања ја оцени како генерално позитивна.

-Ги следам сите говори на Пендаровски и не видов напад кон никого. Треба да се задржи нивото и мислам дека има одредено коректно ниво меѓу претендентите за претседателската функција, рече Ковачевски.

Откога ќе завршат изборите, како што кажа, од извештаите ќе биде јасно кој работел, како работел и зошто работел на ПР стратегијата за изборите.

- Реклама -