Сите Јапонци би можеле да имаат исто презиме за 500 години, доколку на сопружниците во брачна заедница не им се дозволи да имаат различни презимиња, посочува неодамнешно истражување. Тоа е спроведено како дел од кампањата за промена на „Граѓанскиот законик“ од 19. век кој налага дека сопружниците мора да имаат исто презиме, пишува „Гардијан“.
Во научниот труд, предводен од Хироши Јошида, професор по eкономија на Универзитетот нa Тохоку, се истакнува дека ако „властите продолжат да инсистираат“ сопружниците да бираат едно презиме (најчесто она на мажот – во 95 отсто од случаите), до 2531 година секој Јапонец ќе се презива Сато-сан. Јошида вели дека за истражувањето биле користени неколку претпоставки и оти неговата идеја била да се користат статистички податоци за да се објасни потенцијалното влијание на постоечкиот систем врз јапонското општество.
– Ако сите станат Сато, можеби ќе треба да се викаме само по име или по број. Мислам дека тоа не би било добар свет за живеење, изјави Јошида.
Според податоците од март 2023 година, Сато е веќе најчестото јапонско презиме, а по него е Сузуки. Некои корисници на социјалните мрежи мислеа дека анкетата е всушност првоаприлска шега бидејќи нејзините резултати беа објавени завчера. Сепак, тоа не беше така. Јошида рече дека неговата цел била да ги натера луѓето да размислуваат.
Според него, името Сато ќе го наруши достоинството на поединецот, покрај тоа што ќе резултира со губење на семејното и регионалното наследство.
Иако е дозволено моминското презиме да биде наведено во пасошот, возачката дозвола или потврдата за престој, Јапонија сè уште е единствената земја во светот каде што брачните другари законски се обврзани да го имаат истото презиме. Конзервативните членови на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) сметаат дека промената на законот ќе го наруши семејното единство и ќе предизвика недоразбирања кај децата.