Реакции од МТВ и од ИПИС за објавените документи од СДСМ за анкетите на Јавниот сервис наводно нарачани од ВМРО-ДПМНЕ

Уредувачкиот колегиум на МТВ и Институтот за Политички Истражувања од Скопје реагираа во врска со  објавените документи од страна на СДСМ со кои, како што велат од партијата, се потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“.

– МТВ во никој случај нема да влезе во дневно политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Јавниот сервис се соочува со неосновани напади за веродостојноста на тоа што се пласира, се наведува во денешната реакција од Уредувачкиот колегиум на МТВ.

Јавниот сервис ги отфрла сите, како што стои во соопштението, неосновани напади за професионалноста и објективното известување. Апелираат политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис.

– Како и до сега ќе продолжиме да работиме професионално, балансирано и согласно сите етички и професионални стандарди на известување. Впрочем на крајот на изборниот процес ќе ги видиме извештаите кои досега кажувале дека работиме балансирано и професионално, се додава меѓу другото во реакцијата од Уредувачкиот колегиум на МТВ и се посочува дека во просторот меѓу цензура и анархија, степенот на демократијата на едно општество се мери според слободата на изразување.

За сите овие партиски и политички притисоци и обиди за подривање на кредибилитетот на Јавниот сервис, најавуваат во реакцијата, ќе бидат известени сите домашни и меѓународни медиумски организации како и амбасадите и Мисијата на ОБСЕ.

Во рамки на емисијата Објектив, појаснуваат во соопштението од Уредувачкиот колегиум, се презентира испитување на јавното мислење за прашања поврзани со актуелната политичко–економска состојба и рејтингот на политичките партии. Во истражувањето се вклучени две реномирани агенции (факт кои не се споенува во нападите кон нас) чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а во емисијата учествуваат и реномирани гости од општествено – политичкиот живот во Македонија. Наша определба и цел е, стои во соопштението, ваков тип на емисии да има пред секој изборен циклус во државата.

Од Институтот за Политички Истражувања во реакцијата најавуаат дека за изнесените невистини поврзани со ИПИС, како што стои, ќе се преземат сите правни средства кои им стојат на располагање, вклучително и тужби пред надлежните судови.

Во соопштението, со жалење констатираат дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажните вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи на истите.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: ЈО веднаш да постапи по Извештајот на ДЗР и да истражи каде завршиле над 200 илјади евра од Детска клиника

Во реакцијата појаснуваат дека ИПИС во соработка со МРТ спроведува серија истражувања во пресрет на претседателските и парламентарни избори, по углед на соработката која ја имаат водечките светски медиуми и агенции за истражување на јавното мислење за време на изборните процеси во САД и повеќето земји на ЕУ.

– Оваа спработка е исклучиво врз база на договор меѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии на МРТ без притоа да биде инволвирана било каква трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко
лице, се вели меѓу другото во соопштението од ИПИС.

Претходно, денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија објави документи со кои, како што велат од партијата, се потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. ОД ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека документите се лажни и бараат извинување, а во спротивно најавуваат тужба за клевета.

– Станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 5 декември 2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести. Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува, се вели во соопштението од СДСМ.

Планот, според партијата, предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитувале на МТВ,а дефиниран бил и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа три опозициски и еден од власта.

Од ВМРО ДПМНЕ, пак, веднаш реагираа на тврдењата на СДСМ и велат дека документите на СДСМ се целосно измислени. Од партијата најавуваат дека ќе следува тужба за клевета.

-Најостро и изрично ги демантираме информациите првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС. Не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДС. Потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се извини за, како што нагласуваат ваквите лаги, а во спротивно најавуваат дека ќе следи тужба за клевета. 

- Реклама -