Молдавија протера руски дипломат поради организирање руски избори во Приднестровје

Молдавија денеска објави дека протерала руски дипломат поради организирање руски претседателски избори во Придњестровје, молдавски проруски сепаратистички регион.

Односите меѓу Русија и Молдавија, чија прозападна влада цврсто се спротивставува на руската војна во соседна Украина, се повеќе се заоструваат и се влошуваат.

Молдавија го повика на разговор рускиот амбасадор Олег Васњецов протестирајќи поради одлуката на Кремљ да отвори шест избирачки места во Приднестровје за руските претседателски избори „спротивно на ставот на молдавските власти“, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи.

Министерството додаде дека го информирало Васњецов дека вработен во Руската амбасада, чие име не е соопштено, е „соработник“ кој е прогласен за персона нон грата и мора да ја напушти земјата.

Русија претходно се согласи да отвори само едно избирачко место во својата амбасада во главниот град на Молдавија, Кишињев, а отвори гласачки места во Приднестровје и за време на претходните претседателски избори.

Молдавските власти постојано ја обвинуваат Русија дека води „хибридна војна“ против нивната земја со финансирање антивладини протести, мешање во локалните избори и водење обемни кампањи за дезинформации во обид да се собори владата и да се одврати земјата од нејзиниот пат кон членство во ЕУ.

- Реклама -