Битиќи: Мора да осигуриме минимум производство на струја од домашни капацитети, инвестираме во сите сегменти

Нужност е вклучувањето на еден блок во РЕК Битола бидејќи не можеме целосно да оставиме да зависиме само од увоз на електрична енергија од други извори, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На новинарско прашање која е економската логика за работа на РЕК Битола кога се набавува струја на Берза по цена од 73 евра, а производствената е 110 евра, Битиќи рече дека мора да осигураме минимум производство од домашни капацитети и оти цената на берзите не е предвидлива до тој степен за да може целосно да се потпреме на купување на струја.

-Свесни за тоа каква производна цена имаме во овој момент инвестираме во сите сегменти, особено во сегментот обновливи извори на енергија, во приватни инвестиции, кај што сакаме реално да го заштитиме јавниот интерес токму за да падне производствената цена за да немаме вакви проблеми на испади кога домашното производство ќе биде повисоко од берзанските цени.   Наназад кога приликите биле малку поразлични, подобри, поповолни ние сме произведувале и со пониска цена. За жал, кога 40 години не се инвестираа и не се мисли на следните 40 години се случува ова што денеска ни се случува. Така што, нужност е вклучувањето на одреден блок. Не можеме целосно да оставиме да зависиме само на увоз на електрична енергија од други извори затоа што едноставно експертите во ЕСМ и пошироко укажуваат дека тоа е преризично за државата, изјави Битиќи.

Прочитајте и:  Дел од Штип и околината со проблеми со снабдувањето со струја

Според него, во суштина нема економска логика веќе 20 години наназад функционирањето на ЕСМ, но, како што рече, денес од нас зависи дали во наредните 20 години ќе продолжиме со нелогичното економско функционирање на тоа претпријатие.

-Не го решаваме проблемот со враќање назад зошто и пред 20 години е почнато неекономското функционирање на тоа претпријатие. Сега сме во оваа ситуација во која што мораме да осигуриме струја за стопанството, за граѓаните – дали таа ќе биде увезена или ќе биде произведена, секако е субвенционирана, рече Битиќи. 

- Реклама -