Тошковски: Одлуката на Владата да поништи пет мои наредби е скандалозна и спротивна на законите

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски смета дека вчерашната одлука на Владата со која се поништени пет наредби донесени од, како што вели, моја страна е скандалозна и спротивна на законите.

-Една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи, а со ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа Општина, напиша Тошковски на Фејсбук.

Останатите четири наредби, како што наведува, се однесуваат на советници од неговиот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

– Со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво, кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес, стои во објавата на Фејсбук.

Владата на вчерашната 10. седница, како второстепен орган, прогласила за ништовни пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност донесени од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, бидејќи биле со едностран потпис.

Службата за односи со јавноста на Владата соопшти дека актите се прогласени за ништовни по укажување на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, дека со едностран потпис, само од страна на министерот за внатрешни работи Тошковски, се донесени пет наредби за кадровски прераспоредувања.

- Реклама -