Османи: Резолуцијата на Сенатот на САД поддршка за нашето членство во ЕУ, но и порака до политичките фактори кои заговараат алтернатива на ЕУ

Резолуцијата на Сенатот на САД со која се реафирмира поддршката за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови, ќе значи охрабрување на нашата држава да продолжиме на тој пат, но и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза евроинтеграцијата на државата во Унијата. Таа е и порака до политичките фактори овде кои заговараат дека се можни алтернативи на членството во ЕУ, оцени денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Да, има предлог на четворица сенатори – двајца демократи и двајца републиканци на Резолуција која што ќе биде ветер во едрата на нашата држава за членство во ЕУ и тоа е многу важно, бидејќи особено е важно затоа што е поддржана од двете страни, и републиканците и демократите се едногласни, што значи дека во САД имаме апсолутен консензус за поддршка на Северна Македонија. Во Резолуцијата се спомнува и средбата на Блинкен овде во МНР, поддршката што и ја даваат САД и се разбира ќе значи наше охрабрување да продолжиме на тој пат, меѓутоа и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза патот на Република Северна Македонија, рече Османи на новинарско прашање за резолуцијата на Сенатот, на прес – конференција во МНР посветна на нашето претседатвање со ПСЈИЕ.

Преговарачката рамка, потсети тој, беше утврдена со консензус од 27 земји членки, таа ги брани нашите позиции, бидејќи не дозволува историско – идентитетски прашања да бидат бенч маркови за отворање и затворање на поглавја, туку само малцински и човекови права.

-Тоа беше голем успех на државата да утврди таква преговарачка рамка и се разбира очекувам веднаш по изборите да се забрза тој процес и до 2030 година Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, вели Османи.

Според него, Резолуцијата на американскиот Сенат носи порака и до политичките сили во земјава кои гледаат други алтернатива освен зачленувањето во ЕУ.

Прочитајте и:  Трамп му се јавил на Путин, разговарале за брзо решавање на војната во Украина

-Таа ќе помогне и во охрабрувањето на земјите членки, во нашето охрабрување дека немаме алтернатива освен членство во ЕУ. Малку е и порака до политичките фактори овде коишто заговараат дека може да има алтернатива на ЕУ, меѓутоа, процедурите се утврдени. Тие се во наш интерес. Ние треба само да продолжиме тука да одржиме една стратешка предвидливост, особено да не ја ризикуваме таа стратешка предвидливост сега со изборите и да продолжиме кон имплементирање на обврските за да станеме членка на ЕУ до 2030 година, подвлекува министерот Османи.

Прашан кои се тие политички субјекти кои заговараат алтернативи на пристапувањето во ЕУ, Османи вели дека секој што не работи за забрзано членство во ЕУ всушност работи за алтернативи.

-Мислам дека има политички партии, има кандидат за претседател којшто заговараат излегување од НАТО, дека имаат други алтернативи од ЕУ. Меѓутоа, јас сум на став дека не е само прашање на реториката. Секој што не работи за забрзано членство во ЕУ всушност работи за алтернативи. И оттука политичката сцена јасно е поделена на европски и антиевропски фронт, оцени Османи.

Тој најави дека ќе ги минимизира своите активности како министер за надворешни работи штом ќе биде номиниран официјално како претседателски кандидат на ДУИ.

САД го поддржаа пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) во најнова резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис. Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови, а се нагласува и поддршката за Влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.

- Реклама -