Трамп на средба со Маск побарал тој да стане негов главен спонзор

Доналд Трамп кој се соочува со финансиски проблеми за својата долготрајна и скапа изборна кампања, итно имал потреба од готовина и затоа во неделата во Палм Бич, Флорида, се сретнал со Илон Маск, еден од најбогатите луѓе во светот, јави синоќа Њујорк тајмс.

Трамп тогаш се сретнал и со неколку други богати спонзори. Поранешниот претседател на САД има потреба од свежа готовина за стабилизација на финансиите на неговата кампања а поради многубројните обвиненија и неколку судски решенија против него за исплата на стотици милиони долари оштета. По победата во многу држави на прелиминарните избори вчера, Трамп е на пат да стане претседателски кандидат од републиканците на изборите во ноември,

Иако Маск во последно време искажува наклонетост кон републиканците и ја критикува власта на актуелниот претседател Џо Бајден, тој наводно кажал дека  „суштинско е Бајден да изгуби“, се уште не е јасно дали планира да го помага Трамп со дел од своето богатство, пишува весникот.

Богатството на Маск вреди околу 200 милијарди долари и ако тој прифати да донира Трамп може да закрепне финансиски и да го надмине Бајден кој има многу поголем кампањски буџет моментало вреден 117 милиони долари. Само во четвртото тримесечје лани демократскиот претседател успеал да собере 97 милиони.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

За споредба, иако Трамп во последните месеци лани собрал 130 милиони долари, голем дел од тие пари биле брзо потрошени и 2024 година ја започнал само со 42 милиони долари готовина.

Маск досега се претставуваше како независен претприемач, и како многу други бизнис лидери тој ги помагаше кандидатите на двете партии. Сепак, тој нема трошено астрономски суми на претседателски избори, како што тоа го прават други милијардери, и неговите донации биле еднакво поделени на демократите и републиканците.

Компаниите на Маск како Тесла и СпејсЕкс добиваат низа владини тендери и кредити.

Весникот потсетува на критиките од негова страна кога САД под водство на Трамп во 2017 година го напуштија климатскиот договор од Париз.

Неговите поклоници на Х (поранешна социјална мрежа Твитер), мнозинство од кои се подржувачи на републиканците, се пријатно изненадени од наводното зближување меѓу него и Трамп и очекуваат многу поблизка соработка. Трамп неодамна во едно ТВ интервју искажа пофални зборови за Маск нарекувајќи го „гениј“.

Некои коментираат и за можен ангажман на Маск во новата администрација на Трамп, се разбира ако тој извојува победа над Бајден на изборите во ноември.

МИА

- Реклама -