Русија и Кина планираат да постават нуклеарен реактор на Месечината

Русија и Кина ја разгледуваат можноста за поставување нуклеарен реактор на Месечината меѓу 2033 и 2035 година, што еден ден ќе овозможи изградба на населба на Месечината, изјави денеска директорот на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Јуриј Борисов.

– Сериозно го разгледуваме проектот за испорака и инсталирање енергетски реактор на површината на Месечината заедно со нашите кинески колеги, изјави Борисов, кој претходно ја извршуваше функцијата заменик министер за одбрана.

Тој додаде дека соларните панели нема да можат да произведат доволно електрична енергија за напојување на идните населби на Месечината, додека тоа би се постигнало со нуклеарната енергија. Според него тоа е голем предизвик, бидејќи треба да се изведе без човечко присуство.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

Во Русија моментално се активни 11 нуклеарни централи, додека во Кина се активни 55 нуклеарни реактори.

Борисов потврди и дека Русија планира да изгради товарен вселенски брод на нуклеарен погон.

– Сите технички прашања поврзани со проектот се решени, но немаме решение за ладење на нуклеарниот реактор. Тоа би била киклопска структура, која благодарение на нуклеарниот реактор и моќните турбини ќе пренесува големи товари од една до друга орбита, ќе собира вселенски отпад и ќе врши бројни други активности, наведе Борисов.

Минатата година не успеа првата руска лунарна мисија, по 47 години, откако леталото Луна-25 излезе од контрола и се урна.

- Реклама -