Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изрази загриженост за „страшната“ ситуација во Појасот Газа, нагласувајќи дека децата во северниот дел на Појасот умираат од глад.
– Сериозни нивоа на неисхранетост, деца кои умираат од глад, сериозен недостиг од гориво, храна и медицински материјали, уништени болнички згради, напиша Гебрејсус на социјалната мрежа Икс откако делегација на СЗО ги посети болниците Ал-Авди и Камал Адван во северниот дел на Појасот Газа.
Тој истакна дека ситуацијата во болницата Ал-Авда е особено страшна, бидејќи една од зградите е уништена. Додека болницата Камал Адван, која е единствената педијатриска болница во северниот дел на Појасот Газа е преполна со пациенти. Според него недостигот на електрична енергија претставува сериозна закана за грижата за пациентите, особено во критичните области како што се одделот за интензивна нега и одделот за новороденчиња.
– Недостигот на храна резултирал со смрт на најмалку десет деца во овие болници … Апелираме до Израел да се погрижи хуманитарната помош да се доставува безбедно и редовно. На цивилите, особено на децата и здравствените работници, им е потребна поголема помош веднаш. Клучниот лек што им е потребен на сите овие пациенти е мирот. Прекинете го огнот, наведе Гебрејесус.