Рама: Воздухопловната база на НАТО во Кучово е безбедносен елемент за регионот, загрозен од неоимперијалистичката закана на Русија

Воздухопловната база на НАТО во Кучово е безбедносен елемент за нашиот регион,кој е загрозен од неоимперијалистичката закана на Русија, истакна албанскиот премиер Еди Рама меѓу другото во обраќањето при денешната инаугурација на базата.

Додаде дека оваа база е целосно трансформирана и подготвена како нова тактичка база на НАТО, со важност што ги надминува границите на Албанија, оценувајќи дека тоа ќе „донесе нови можности за вработување за жителите на Кучова и за целиот синџир на услуги, што ќе влијае на локалната економија“.

-Албанија со гордост и почит ги пречекува своите сојузници, партнери во сојуз кој е на прво место, кој е во одбрана на мирот и демократијата. Среќен сум што една работа започната долго време успеа да се заврши. Оваа база денес е целосно трансформирана и подготвена како нова тактичка база на НАТО со важност што ги надминува границите на Албанија. Тоа е елемент на безбедноста на нашиот регион, за кој добро знаеме дека е регион не без опасност од неоимперијалистичката закана на Русија, истакна Рама.

Според него тоа е дел од обновувањето на албанската воздушна флота, чиј дел се двата нови хеликоптери „Black Hawk“ и трите беспилотни летала „Бајрактар“ на кои ќе им се додадат и други а кои денеска полетаа од оваа база.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Русија регруирала стотици Јеменци во војната против Украина

-Им благодарам на сите кои придонесоа, почнувајќи од нашите НАТО сојузници – со надеж дека оваа база ќе биде придружена од новата поморска база во Порто Романо, за која тесно соработуваме со НАТО. Им посакуваме здравје на сите наши вооружени сили кои од ден на ден ја прават Албанија се погорда, посочи Рама.

Во своето обраќање претседателот Бајрам Бегај, кој е висок воен старешиша и поранешен Началник на Генералштабот на албанската армија, ревитализацијата на воздухопловната база Кучово означува ново поглавје во историјата на одбраната и безбедноста на нашата земја и на целиот наш регион.

-Оваа база е резултат на соработка, солидарност, и координација меѓу сојузниците и вниманието што Албанија го посветува на безбедноста и одбраната. Блискиот исток и тероризмот се опасност за сите. Од оваа база заедно испраќаме силна порака за мир и докажуваме дека НАТО е решен да ги заштити слободата и безбедноста на сојузниците, гарантирајќи колективна одбрана, рече Бегај.

Значењето на базата за безбедноста го посочи и претседателката на парламентот Линдита Никола, началникот на Генералштабот Арбен Кинџи, претставниците на НАТО и на американската амбасада, како и италијанскиот министер за одбрана.

- Реклама -