Пендаровски: Претседателот треба да се бира на општи избори, не во парламентот

Актуелниот претседател Стево Пендаровски смета дека на земјава ѝ е потребен избор на претседател како независна институција што се постигнува кога се избира на општи избори, отколку кога се избира во Парламентот.

Ваквиот став, како што истакна во одговор на новинарско прашање по најавувањето на својата кандидатура за втор претседателски мандат, го има одамна уште кога бил аналитичар, но, сега, вели, таквиот став е засилен со практичното искуство кое го стекнал изминативе пет години.

-Знам точно како е кога си претседател во однос на сите други евентуални политички притисоци или обиди да се влијае на вашите одлуки. Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ кои знаеме дека постојат, кои имаат свои интереси кога сте бирани на општи избори, отколку кога сте бирани во Парламент. Сега ако смеам да шпекулирам, знете дека во неколку наврати изминативе пет години бев во директна колизија со, не само последниот пат, на пример 2019 година аферата „Рекет“ бев во директна колизија со ставите на тогаш владејачката партија. Јас ви тврдам дека ако бев избран во Парламент дури и со квалификувано мнозинство ќе бев сменет истото попладне. Бидејќи ве бира народот сите граѓани, многу потешко е да ја реализирате таа своја намера и затоа мислам дека на Македонија и е потребна ваква една независна институција која може да биде баланс не само според надлежностите кои ги има во Уставот и во законите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои една морална вертикала која дури и на оние кои го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука, вели Пендаровски прашан околу идејата за избор на претседател во Собранието што е барање на ДУИ.

Во однос на тоа дали доколку отиде во вториот круг повторно ги очекува гласовите на Албанците, конкретно на ДУИ со оглед на тоа што тие му замерија што не го потпиша законот за игри на среќа, Пендаровски вели дека очекува гласови од сите етнички заедници.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

-Ги очекувам гласовите од сите етнички заедници како што тоа се случи и 2014 година. Малкумина знаат, веројатно дел од вас и помлади, во 2014 на врвот на автократијата на Груевски и во време кога ДУИ тогаш во Влада со ВМРО-ДПМНЕ имаше официјален став дека нема консензуален кандидат, јас имав 35 илјади албански гласови. Значи, и без политички договор со која било политичка партија има граѓани од сите етнички заедници кои ме гласале и се надевам дека ќе ме гласаат. Поинаку и не можам да ја замислам улогата на претседател на сите како што велиме. Оваа држава Македонија која е таква според внатрешната структура, ако ве поддржуваат само Македонци или само Албанци. Затоа за победник на овие избори е нужно да бидете поддржани и преку етнички линии и преку партиски линии, практично да добиете широка граѓанска поддршка што е мојот концепт од првиот ден, вели Пендаровски.

Според него, веројатно за првпат во македонската историја, по 1999-та ќе имаме најголема бројка на кандидати во првиот круг – дури седум. Прашан кој е неговиот најпосакуван противкандидат во вториот круг, тој вели, не размислува на таков начин, и оти ги почитува сите кандидати и со сите нив има коректни односи.

Со оглед дека Давкова е исто така извесен кандидат, дали очекува изборите да бидат едно т.н. дежаву од минатите претседателски избори и дали смета дека е во предност од перспектива како актуелен претседател, тој вели дека граѓаните се тие кои ќе одлучат на денот на изборите

-Тоа ќе го кажат граѓаните на денот на изборите. Јас мислам дека ова што го кажувам накусо за моите изминати пет години ќе бидат додадена вредност на тоа кој бев јас и пред 2019, и пред 2014-та. Не можам да шпекулирам каква ќе биде волјата на граѓаните, меѓутоа се кандидирам не само за да учествувам на изборите, туку да победам, порачува Пендаровски.

- Реклама -