Спротивно на досегашните совети: Еве што не треба да правите ако телефонот ви падне во вода

Што да направите кога телефонот ќе ви падне во вода? Доколку барате совет на Интернет, една од првите работи на кои ќе наидете е веднаш да го ставите телефонот во ориз, кој треба да ја впие влагата од телефонот, а такви совети понекогаш се даваат и во сервисите за телефони.
Но, се чини дека оваа тактика не е најпаметна и, и покрај сето она што досега е објавено на интернет, не треба да се користи. Ова го нагласуваат од Apple, чии страници за корисничка поддршка го содржат токму тоа предупредување.
Не ставајте го телефонот во кесичка со ориз. Ако го направите тоа, малите парчиња ориз може да го оштетат вашиот iPhone, според веб-страницата на Apple. Покрај кесичката ориз, оваа компанија ги предупредува корисниците да не се обидуваат да го исушат телефонот користејќи надворешен извор на топлина или компримиран воздух и да не ставаат туѓи предмети, како хартиени крпи или ушни чепкалки, во телефоните или конекторите.
Па, што да направите ако вашиот телефон падне во вода? Apple даде неколку совети, посветувајќи посебно внимание на конекторот за полнење.
Ако се навлажни, на iPhone-от би требало да се појави предупредување за детектирање течност и корисниците треба веднаш да го исклучат кабелот Lightning или USB-C од телефонот и да не го приклучуваат повторно додека телефонот и конекторот не се исушат целосно. За да ја испразните течноста од телефонот, потребно е нежно да го тапкате од дланката, со страната со конекторот свртена надолу. После тоа, телефонот треба да се остави во сува, проветрена просторија најмалку половина час, а потоа можете да се обидете повторно да го поврзете со кабелот. Ако предупредувањето за течноста се појави повторно, тогаш телефонот сепак треба да се остави долго време во сува и проветрена просторија. Понекогаш може да потрае цел ден за да се исуши, а потоа можете да се обидете повторно да го наполните.
На US Today нѐ потсетуваат на советите на Samsung за телефоните кои паѓаат во вода. Кога тоа ќе се случи, уредот треба да се исклучи и да се избрише влагата од куќиштето, отворот за слушалки и полнењето. За разлика од Apple, јужнокорејската компанија советува користење на памучна вата или памучни стапчиња.
Во случај уредот да падне во море или некој друг вид течност, како пијалок, се наведува дека таков уред би можел прво да се стави во обична вода. Самсунг советува сушење на воздух, т.е. да го ставите во проветрена просторија или во сенка со ладен воздух (на пр. од вентилатор). Она што не смеете да го правите е да го исушите со фен или топол воздух.
Кога уредот е сув, сепак е препорачливо да го однесете во сервисен центар.

Извор