Демократската унија за интеграција неделава ќе го објави претседателскиот кандидат. Се споменуваат повеќе имиња како можни кандидати. Се уште немаме донесено одлука. Ахмети колку што го знам ќе остане на својата определба за мисија, а не за функција, изјави вечерва министерот за политички систем и член на ДУИ, Артан Груби.
– Убедувањето на Ахмети оди тешко. Го знаете неговиот став: Јас сум мисионер и не сум функционер. Не сум во политичка партија, ниту во политиката за да добијам функција, туку за мисијата да ми биде успешна. И пред тој аргумент мора сите да се повлечеме. Но, ако прашате кој било член на ДУИ, кој било гласач на ДУИ, секако дека ќе се определи за Али Ахмети, рече Груби во емисијата „360 степени“.
Посочи дека ДУИ се уште нема одржано состанок за претседателскиот кандидат, но дека се споменуваат повеќе имиња како можни кандидати, почнувајќи од потпретседателите, секретарите, ветераните на партијата, а опција се и кандидати кои не се членови на ДУИ.
Во однос на објавите во медиумите дека Бујар Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ, Груби рече дека тој би бил одличен кандидат, но дека за ова не е разговарано, ниту е одлучено во партијата.
– Демократската унија за интеграција се уште нема одлука кој ќе биде нејзин кандидат за претседател на државата, бидејќи прашањето не е дискутирано во партиските органи. Бујар Османи би можел да биде одличен кандидат. Но, тој не води кампања за претседателски кандидат, затоа што за ова не е разговарано ниту е одлучено во ДУИ. Но, ќе мора да се донесе одлука наскоро, затоа што на 23 февруари почнува собирањето на потписи што би требало да трае до 8 март. Така што неделава ќе дознаеме кој е кандидат на ДУИ и кој ќе биде победник во албанскиот блок, со можност исто така да помине и во вториот круг, рече Груби.
Тој посочи дека пред Арбен Таравари да ја прифати понудата на албанската опозиција да се кандидира за претседател, разговарале со него, но и индиректно со албанската опозиција, за да излезат со заеднички кандидат кој би бил натпартиски, односно не би бил член или поддржувач на партиите.
– Но, за жал, тој дел од албанската опозиција и Таравари кога се присоедини, излезе дека ќе истрчаат со целосно партиски кандидат, претседател на политичка партија и отпадна сето тоа што го разговараваме претходно – да нема втор кандидат Албанец. Сметавме дека тоа многу штети на процесите во земјата по однос на европските интеграции, рече Груби.
Вели дека сеуште мерат дали да излезат со заеднички кандидатски листи со СДСМ и посочува дека не сака да биде дел од кандидатските листи.
– Во моментов, расположението во ДУИ е за разговори со други коалициони партнери, партијата на господинот Хоџа, на Тачи, на Реџепи Зеид и на други општествени чинители, додека со СДСМ имавме состанок пред десетина дена со претседателот на СДСМ, господинот Ковачевски, и мислам дека би требало да имаме состанок и неделава, односно деновите што се пред нас, да видиме какви резултати покажуваат нивните анкети, какви нашите анкети, да видиме кој е најдобриот начин да се настапи, рече Груби.
Според него, ДУИ не се надева на предизборна коалиција со крилото на Зијадин Села од Алијанса на Албанците, а доколку ДУИ самостојно настапи на изборите очекува да освои од 15 до 17 пратенички мандати.
За расколот во Алијанса на Албанците, вели дека му успеало на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да ја подели партијата и дека Таравари ќе се приклони кон ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, на изборите би излегле околу 200 илјади гласачи од албанскиот блок од кои над 100 илјади би гласале за ДУИ.
Прашан колку е веројатно да се формира коалициска влада со ВМРО-ДПМНЕ, Груби не ја исклучува можноста, но под услов претходно да се изгласаат уставните измени.
– Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени пред формирањето на влада, зошто да не. Ако се реформирала доволно, ако е европски ориентирана, ако докаже дека е подготвена да жртвува од својот т.н. рејтинг, за доброто на државата, како што направи СДСМ во минатото, тогаш – да, заслужува шанса. Но, ако остане на ставот дека ниту пред ниту потоа, ниту на следни избори нема да има уставни измени, тогаш што би барала ДУИ во една таква влада или во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија на ЕУ. Во ДУИ нема алтернатива. Нема алтернатива за ЕУ, НАТО и стратешкото пријателство со САД, истакна Груби.
Додава дека во ДУИ се размислува по изборите да се бара прво да се изгласаат уставните измени, а потоа да се оди на формирање влада.
Евентуалното постизборно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со албанскиот опозициски блок, според Груби, ќе значи повторно изолирање на државата.
– Лошо сценарио е за државата, лошо сценарио е за граѓаните. Ќе влеземе во т.н бугарско сценарио со повторување на избори и изборни циклуси додека губиме европска перспектива. Оваа година е изборна година во речиси цел свет, а претежно во ЕУ и во САД. Не знам колку имаат време нашите граѓани да останат во статус кво и да не напредуваат, затоа што статус кво значи регрес, а не прогрес, рече Груби.
Прашан за тоа зошто не се изгласани измените на Изборниот законик, Груби упати одговорот за тоа да се бара кај опозицијата.