Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ во име на граѓаните ќе поднесе тужба за Спасовски и за нивно обештетување

„Поради неодговорноста и измеќарскиот однос на СДС, граѓаните се доведени во ситуација да бидат во притвор во сопствената држава. Имено, изминатите години, надлежните институции, пред сè МВР предводено од Спасовски, свесно работеле против интересите на државата и граѓаните, за сега да има целосен крах во издавањето на патни исправи поради што граѓаните не можат да ги остварат своите основни слободи и права. Ова е директно нарушување на човековите и граѓанските права на секој поединец во Македонија, затоа што некој ја злоупотребил својата должност и несовесно работел во службата“, обвини денеска на прес-конференција Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, вперувајќи го прстот во екс-министерот за внатрешни работи.

Според Јанушев и ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски е директно одговорен за ова бидејќи со години наназад набавувал обрасци за лични и патни исправи и истите ги издавал, иако, како што велат, бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред истекот на нивниот рок на важност.

„Со тоа, Спасовски не само што го оштетил државниот буџет, туку ги оштетил и граѓаните кои денес се соочуваат со ограничување на движењето и материјална штета“, рече Јанушев и најави дека ВМРО-ДПМНЕ, во (како што рече) име на сите граѓани ќе побара кривична одговорност од Оливер Спасовски, затоа што граѓаните кои извадиле пасош во период од 2018 година па до денес а на кои државата не им издала соодветна патна исправа, се директно оштетени и доведени во омаловажувачка позиција да не можат да ги уживаат своите права.

Прочитајте и:  Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

„Воедно, во име на сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и тужба со цел обештетување на граѓаните кои свесно од страна на ова влада на ДУИ и СДС беа изложени на непотребни финансиски трошоци“, додаде Јанушев.

„Почитувани, ова покажува дека оваа власт на ДУИ и СДС е жив зијан за граѓаните. СДС и Ковачевски треба да се засрамат и да им се извинат на граѓаните за овој хаос. Најмалку што може да направат е да ги прифатат измените на законите за лични документи и за безбедност во сообраќајот во итна постапка во Собранието, како прв чекор, за да ја ублажат катастрофата кои ја предизвикаа“, порача тој.

- Реклама -