Грузија ја обвини Украина дека се обидува да ја вовлече во војната со Русија

Грузискиот премиер денеска ја обвини Украина дека се обидува да ја прошири војната во неговата земја, откако властите запленија камион полн со експлозиви на пат кон Русија.

Грузиската служба за безбедност вчера запленила илегална пратка со експлозив, која требало да оди во рускиот град Воронеж, скриена во автомобилски акумулатори. Товарот пристигнал по копнен пат од Украина преку Романија, Бугарија и Турција.

„Ова уште еднаш го потврдува она што, во принцип, дури и високи функционери на украинската Влада велат дека го сакале и веројатно сè уште го сакаат: втор фронт во нашата земја“, рече вршителот на должноста премиер на Грузија, Иракли Кобахидзе.

Тој беше назначен да го замени Иракли Гарибашвили, кој поднесе оставка минатата недела за да може партијата Грузиски сон, која е на власт од 2013 година, да избере некој нов да ја води на овогодинешните избори.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Нејзин основач е Бидзина Иванишвили, најбогатиот Грузиец кој своето богатство го стекна во трговијата со метали и банкарството во Русија во 1990-тите. Иако олигархот и поранешен премиер се повлече од политиката, аналитичарите сметаат дека тој сепак има големо влијание врз тамошниот политички живот. Партијата се смета за проруска во Грузија.

Украинската амбасада во таа земја најави дека ќе ги испита наводите на грузиските безбедносни служби за „учество на украински граѓани во незаконски активности“ и го повика Тбилиси да не го политизира случајот.

- Реклама -