Со 500 милиони долари, син на Ворен Бафет е еден од најголемите донатори на помош за Украина

Хауард Бафет, средното по возраст од трите деца на Ворен Бафет, е еден од најголемите донатори на Украина. Со доделената хуманитарна помош од 500 милиони долари овој филантроп стои рамо до рамо со низа земји чии влади започнаа да ја поддржуваат Украина по руската инвазија.

Според весникот „Омаха ворлд Хералд“ синот на Бафет годинава планира да потроши уште 300 милиони долари помош за Украина.

Богатството на Ворен Бафет, познат и како „пророкот од Омаха“ се оценува на 130 милијарди долари. Според индексот на милијардери на Блумберг, тој е на седмо место во светот по големината на капиталот.

Хауард Бафет ја посетил Украина уште на вториот месец по почетокот на војната во Украина, пишува весникот. Оттогаш за Киев патувал десет пати да реализира хуманитарни проекти, како болници за рехабилитација на ранетите или поправка на прозорците на зградите оштетени од руските напади.

Други негови хуманитарни проекти се: прехранбени производи за училиштата; расчистување на земјоделското и селското земјиште од мини; снабдување на специјалните служби со неопходна опрема и транспорт; снабдување со електрична енергија. Потоа, снабдување со ДНК тестови за безбедносните служби кои ги вршат истраги за воените злосторства на руската војска и специјалните единици; и изградба и обезбедување на опрема за болниците каде се негуваат војници и мирни граѓани кои изгубиле делови од телото.

Прочитајте и:  Зеленски: Во Германија најмалку 300.000 Украинци не работат и не бараат работа

-Не разбирам како може да се свртиме и да гледаме на страна кога некој таков како Путин се обидува да го уништи населението на една цела земја, изјави синоќа Хауард Бафет. „Не треба да се самозалажуваме и да мислиме дека ако на фронтот постои нерешена ситуација, со Путин може да се преговара за мирно регулирање на кризата. Невозможно е да се стигне до таков договор во кој Путин би се држел за зборот“.

-Татко ми секогаш велеше – не треба да се склучува добра зделка со лош човек, истакна Бафет.

Во време кога во Вашингтон се водат полемики за понатамошните испораки на оружје за Украина, Бафет годинава планира да донира уште 300 милиони долари помош. Тој постојано застапува поголема поддршка за Украина, воена и хуманитарна.

И тоа уште пред блокадата во Конгресот есенва на новиот пакет помош за Украина, за што Сенатот синоќа предложи законски проект, но во Претставничкиот дом, поттикнати од Доналд Трамп, веќе изјавија дека тој не е по нивна мерка.

МИА

- Реклама -