На Латвијците со закон им забранија да играат против Руси и Белоруси

Латвискиот парламент изгласа закон со кој на репрезентациите во сите спортови им се забранува да играат натпревари против Русија и Белорусија во знак на солидарност и поддршка на Украина.

Амандманските дополнувања на Законот за спорт добија поддршка од 74 пратеници, а против гласаа 11.

Со законското решение на латвиските репрезентации во сите екипни спортови им се забранува да играат против Русија и Белорусија, без разлика дали спортистите од овие две земји се натпреваруваат под национално или неутрално знаме.

Исто така, на организаторите на спортски настани во Латвија им се забранува да покануваат руски или белоруски спортисти на своите натпреварувања.

„Главна цел на амандманите е да се нагласи солидарноста на Латвија со Украина и да се спречи каков и да е руски обид да ги легитимизира воените злосторства по мирен пат каков што се спортските натпревари, рече пред гласањето во четвртокот шефот на парламентарната комисија за спорт Давис Мартинш Даугавиетис.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Многу латвиски спортисти веќе рекоа дека размислуваат да ги бојкотираат Олимписките игри ова лето во Париз доколку на нив им биде дозволен настап на спортистите од Русија.

- Реклама -