Во Исланд наскоро може да се случи нова вулканска ерупција, предупредија денеска исландските власти.
Исландската метеоролошка служба Ведурстоф денеска предупреди дека веројатноста за нова ерупција на полуостровот Рејкјанес е зголемена и дека тоа би можело да се случи во следните две недели, па дури и за неколку дена.
Таму во средината на јануари се случи жестока ерупција, каде за првпат по последниот речиси половина век, лавата уништи куќи.
Според метеоролошката служба, моделите базирани на ГПС-податоци покажале дека речиси 6,5 милиони кубни метри магма се акумулирале под областа Сварценги и дека магмата наскоро ќе го достигне истиот волумен како и во минатомесечната ерупција.
Значајна опасност му се заканува на градот Гриндавик, кој веќе беше евакуиран кон средината на јануари.