Советот за етика во албанскиот Парламент суспендираше 19 пратеници од опозициската Демократска партија, приврзаници на Сали Бериша и Газменд Барди, поради попречување на нормалното одвивање на работата на законодавниот дом.
Според одлуката пратеникот, Ервин Салијањи има забрана за учество во работата на парламентот во период од 20 дена, додека останатите 18 по 10 дена.
Одлуката е донесена по барање на пратениците од Социјалистичката партија поради „блокада на работата на парламентот и парламентарните комисии“.
На одлуката остро реагираше Салијањи кој неговото и исклучувањето на другите 18 опозиционери од Собранието го нарече „срамна одлука“.
„Уште една срамна одлука, донесена со омраза кон опозицијата спротивно на основните принципи. Најостро ја осудувам оваа ескалација, сметаме дека е објава на војна која нема да ја избегнеме и ќе го подготвиме одговорот. Разрешувањето на 19 пратеници не може да го направи власта, туку се случува само со гласање на слободни избори“, рече Салијањи.
Демократската партија има 55 пратеници, поголемиот број или 47 се во групата Бериша-Барди а само осум со Љуљзим Баша, официјално лидер на демократите.
Групата на Бериша-Барди веќе три месеци создаваат хаос во собраниската сала, со блокирање на говорницата, физички напади на обезбедувањето, пуштање димни бомби, па седниците траат по десет минути со изгласување на точките само од владејачкото мнозинство.