Остин: Суверена Украина има решавачко значење за глобалната безбедност

Шефот на Пентагон Лојд Остин денеска одржа виртуелна средба со Контактната група за одбрана на Украина која се состои од 50 земји. Ова беше 18-та средба на оваа меѓународна група од моментот кога е создадена во април 2022 година и прво појавување на Остин во јавноста по неговата хоспитализација.

– Заштитниците на Украина продолжуваат да нанесуваат значајни загуби на војската на Кремљ. Во својата непромислена војна Путин продолжува да жртвува огромен број руски војници. Тој се надева дека ракетите и беспилотните летала ќе го деморализираат украинскиот народ и скршат боевиот дух на украинските војници, рече Остин.

Шефот на Пентагон ги повика земјите учесници во групата да ѝ обезбедат на Украина повеќе системи за противвоздушна одбрана.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Според него, воените сили на Русија се значајно ослабени и деморализирани, а Украина врати под своја контрола повеќе од половина од суверената територија заземена од Русија по инвазијата.

– Суверена и безбедна Украина има решавачко значење за глобалната безбедност. И ние не треба да се двоумиме во нашата поддршка за Украина. САД продолжуваат да работат над мониторингот и водењето сметки за американската помош во областа на безбедноста испратена на Украина, истакна Остин и додаде дека САД не гледаат опипливи докази за бесполезно користење или назаконски пренасочување на американската техника дадена на Украина.

- Реклама -