Линднер до германските земјоделци: Нема повеќе пари за субвенции

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер денеска им се обрати на илјадниците незадоволни земјоделци кои протестираа против зголемувањето на даноците и им порача дека нема повеќе пари за продолжување на субвенциите.

Илјадници возачи на трактори и камиони и околу десет илјади луѓе денеска ја блокираа авенијата што води до берлинската Бранденбуршка порта, по еднонеделните протести против повисоките даноци за земјоделците.

Возилата кои пристигнаа од цела Германија во текот на ноќта се паркираа покрај патот, а илјадници земјоделци и покрај студеното време вееја германски знамиња и извикуваа пароли „без земјоделците нема иднина“.

– Не можам да ви ветам поголема државна помош од федералниот буџет. Но, можеме да се бориме заедно за да уживате повеќе слобода и почит за работата што ја работите. Со војната во Украина, мирот и слободата во Европа повторно се загрозени. Затоа, мораме повторно да инвестираме во нашата безбедност како што правевме некогаш, истакна Линднер.

Прочитајте и:  Германија за бирократијата троши 146 милијарди евра годишно

Протестите избија поради одлуката на Владата да ја укине субвенцијата за синиот дизел во обид да се балансира буџетот за 2024 година, откако одлуката на Уставниот суд ги наруши плановите за трошење на буџетот.

Во обид да ја смири ситуацијата, Владата се согласи да го задржи повратот на данок за купување земјоделски возила и да го пролонгира за неколку години укинувањето на субвенцијата за синиот дизел години.

Но, земјоделците не се задоволни, а лидерот на синдикатот на земјоделците Јоаким Руквид побара да се слушаат барањата на земјоделците.

Владата усвои помирувачки тон кон демонстрантите бидејќи е загрижена дека политичката дебата се радикализира и дека демонстрантите би можеле да станат насилни.

Министерот за земјоделство Џем Оздемир, член на Партијата на зелените, предложи финансиски награди за хуман третман на животните, додека социјалдемократите предложија повисоки цени за земјоделските производи, а либералите предложија намалување на администрацијата.

МИА

- Реклама -