Некои компании ги гледаат приватните паметни телефони како одвлекување на вниманието од работата, дури и принудувајќи ги работниците да ги остават своите уреди во шкафче пред да влезат во канцеларија или погон. Но, таквите забрани би можеле да бидат контрапродуктивни, според австралиските и ирските научници, кои велат дека користењето приватни телефони на работа не влијае на продуктивноста, па дури и може да го намали стресот.
Тим од Универзитетот во Голвеј и Универзитетот во Мелбурн помина една година следејќи 40 вработени на кои им беше дозволено да користат приватни телефони во европската филијала на неименувана глобална фармацевтска компанија. Тимот го спореди ова со друга група на кои не им беше дозволено да ги користат своите телефони додека се на работа.
Тие откриле дека оние кои користеле приватни телефони немале полоши работни перформанси од колегите кои не ги користеле и дека проблемите кои произлегуваат од преклопувањето на работата и животот биле намалени кога била укината забраната за користење на приватни паметни телефони на работното место за лични цели.
Работниците кои беа анкетирани претходно се пожалија на „рестриктивниот пристап“ на компанијата за користење на лични телефони, кој датира од 1990-тите, велејќи дека се чувствуваат „исклучени“. Тие беа поддржани од некои членови на менаџерскиот тим кои ги оценија ограничувањата како „технофобични“ и неусогласени со правилата во другите филијали на истата компанија.
„Менаџерите треба да ги разберат несаканите последици од присилната забрана на приватните паметни телефони“, рече Еоин Вилан од Универзитетот во Голвеј.
„Спречувањето на употребата на телефонот на работното место може да го зголеми конфликтот помеѓу работата и животот, што за возврат има значителни импликации врз работата, задоволството од работата, отсуството од работа, како и општата благосостојба“, додаде Вилан.
Извор: tportal.hr