Груби: Тешко ќе се најде партија на Албанците што ќе послужи на руско сценарио во Македонија

„Разгледуваме анкети и кои се најдобрите можности. Очигледно е дека анкетите велат дека европскиот фронт СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците и други политички партии се победници на изборите на 8 мај годинава и тоа убедливо затоа што тоа го очекуваат граѓаните“, рече првиот вицепремиер одговарајќи на прашањето како ќе настапат на претстојните избори

Сите опции се отворени и за парламентарните и за претседателските избори годинава, рече првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, во вечерашното гостување на Телевизија 24.

Прашан за тоа какви се плановите на партијата во врска со изборите, односно дали ќе учествуваат со СДСМ или сами, Груби рече дека за тоа се водат разговори меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и премеирот Димитар Ковачевски.

„Разгледуваме анкети и кои се најдобрите можности. Очигледно е дека анкетите велат дека европскиот фронт СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците и други политички партии се победници на изборите на 8 мај годинава и тоа убедливо затоа што тоа го очекуваат граѓаните“, рече Груби.

Според него, отворени се опциите и за заеднички фронт СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците, но и ДУИ-Алијанса-ДПА и партиите на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи, а се разгледува и можноста ДУИ сама да излезе на изборите.

Прашан која е најблиската опција за ДУИ, Груби не даде конкретен одговор, велејќи дека најблиската можност е да победи европска коалиција во државава.

„Коалицијата ја најави Али Ахмети пред една и пол година кога почнавме кампања за европски фронт и кога ги повикавме сите политички партии да се вклучат. Ние силно веруваме во тоа. Драго ми е и што во СДСМ така се размислува“, додаде тој.

ДУИ, како што рече Груби, има црвени линии и нема да коалицира со која било политичка партија која нема да поддржи европска Македонија, која нема да ги поддржи Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, Охридскиот договор, признавањето на Косово.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

„Преку тоа не можеме да преминеме. Сметам дека тешко ќе се најде некоја албанска политичка партија која ќе послужи на руско сценарио во Македонија“, рече вицепремиерот Груби.

Од односот на партиите на политичката сцена, според Груби, ќе зависи кој претседателски кандидат ќе биде поддржан од ДУИ.

За тоа дали ќе го поддржат актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски за втор мандат, Груби рече дека тоа веќе го направиле на претходните избори и немаат никаква резерва кон него за кандидат, но за тој да биде консензуален, како што рече Груби, не зависи само од ДУИ туку и од СДСМ и од Алијанса за Албанците и од другите политички партии.

За поддршката на партијата на Албин Курти кон опозициските партии на Албанците и дали ДУИ се плаши од тоа, Груби со одговор: „Не, воопшто“.

„Не се плашиме воопшто затоа што не е првпат. Ова е веќе трет пат да се учествува на избори од страна на партијата на Курти. Јас со него се знам од 2005 година, соработувавме во една заедничка мрежа на невладини организации, бевме многу блиски соработници. Тој учествуваше на претседателските избори со поддршка на претседателскиот кандидат, потоа учествуваше и на парламентарните избори“, додаде тој.

Прашан дали ако Алијанса за Албанците реши да излезе сама на изборите, ДУИ ќе оди само со СДСМ, Груби рече дека сите опции се на маса и не може хипотетички да зборува.

„Ќе размислиме и ќе мериме, нема да донесеме одлука без да мериме, без да направиме општи консултации“, рече тој.

- Реклама -