Израел објави повоен план за Газа

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа ги претстави предлозите за идното управување со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас, јави Би-Би-Си. Според него, палестинската власт ќе биде ограничена на таа територија.

-Хамас повеќе нема да ја контролира Газа, а Израел ќе ја задржи севкупната безбедносна контрола, додаде тој.

Галант го откри нацрт-планот пред да го достави до воениот кабинет на Бенјамин Нетанјаху, поделен во последните недели во текот на дејствијата што треба да следат во војната против палестинското исламистичко движење Хамас, на власт во Газа од 2007 година.

Според планот на Галант, Израел ќе ја задржи севкупната безбедносна контрола над Газа. Мултинационалните сили ќе ја преземат одговорноста за обнова на територијата по масовното „уништување“ предизвикано од израелското бомбардирање.

Египет, исто така, ќе има сè уште неодредена улога според планот. Во документот се додава дека Палестинците ќе бидат одговорни за управување со територијата.

-Жителите на Газа се Палестинци, па затоа ќе биде одговорна палестинската управа, под услов да нема непријателски дејствија или закани против државата Израел, рече Галант.

Разговорот за „денот потоа“ во Газа доведе до длабоко несогласување во Израел.

Некои екстремно десничарски членови на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рекоа дека палестинските граѓани треба да се охрабрат да ја напуштат Газа и да заминат во егзил, заедно со повторното воспоставување на еврејски населби на територијата. Тие контроверзни предлози беа отфрлени како „екстремистички“ и „неостварливи“ од другите земји во регионот и некои од сојузниците на Израел.

Прочитајте и:  Десетици вооружени хулигани запалија трамвај во Амстердам

Премиерот Нетанјаху не зборуваше јавно за никакви детали за тоа како мисли дека треба да се управува со Газа. Тој посочи дека војната во Газа може да трае уште неколку месеци, со наведената цел целосно да се уништи Хамас.

Објавувањето на планот доаѓа додека продолжуваат борбите во Газа, при што десетици луѓе загинаа во изминатите 24 часа, соопшти Министерството за здравство на Хамас.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен треба да се врати во регионот оваа недела. Се очекува тој да разговара со палестинските претставници на окупираниот Западен Брег и со израелските лидери.

Неговата посета доаѓа во време на зголемени тензии во регионот по атентатот на лидерот на Хамас, Салех ал-Арури во вторникот во либанскиот главен град Бејрут. Многумина го обвинуваат Израел за неговото убиство. Меѓутоа, Израел ниту ја потврди, ниту негираше вмешаноста.

МИА

- Реклама -